По политичките случувања во текот на вчерашниот ден, со Фејсбук статус се огласи и министерот за здравство и лидер на едното крило на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари. Вели дека неговата партија ја сфаќа судбината на луѓето посериозно отколку другите и става до знаење дека АА не презема никакви потези заради задоволство или гнев на никого.
„Изјавуваме дека ја гледаме судбината на овој народ посериозно отколку само конкретни имиња и дека сме ослободени од нивните комплекси, кои се трансформирале во Едипов комплекс. Ние не правиме никакви потези за ничие задоволство или лутина! Дури и оние што даваат пророштва во наше име, како Баба Ванѓа, треба да се занимаваат со пообјективни работи отколку со предвидување на иднината.
Ние не сме ниту такси што нè користат за превоз, а потоа ни ги одземаат клучевите, ниту чамец за спасување за имиња и презимиња. Ние сме Алијансата за Албанците, работиме само во интерес на народот“, порача Таравари.
За денеска е најавена средба меѓу Таравари и Мицкоски, на која премиерот ќе бара одговор во која насока оди коалицискиот партнер АА. Мицкоски вчера кажа дека за него е неприфатливо ако Таравари одлучи да поддржи кандидати на ДУИ на локалните избори.
