Џафери за екстрадицијата на Палевски: Во Анкара ќе се бараат дополнителни информации за постапката

Техичкот премиер Талат Џафери во интервју за МИА, за екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо вели дека неопходна е лична и директна комуникација за да се види што треба дополнително да се направи.

Министерот за правда Кренар Лога со делегација в четврток (8 февруари) ќе престојува во Анкара, каде што е предвидено да се сретне со официјални турски претставници, а едно од прашањето за коишто ќе се разговара е екстрадицијата на Палевски, потврдуваат од Правда.

„Па сега не сакам да прејудицирам која, што ќе биде содржината на разговорите таму. Но, во секој случај неопходна е комуникацијата директна и лична таму да се биде, за да се види кои би биле постапките, процедурите, што би требало дополнително, евентуално, да се направи. Затоа е таа лична комуникација и е воспоставена во рамки на меѓународната соработка со соодветните братски институции со коишто соработуваме и со коишто соодветно имаме билатерални спогодби за комуникации“, вели техничкиот премиер во интервјуто за државната новинска агенција.

Од Министерството за правда за МИА потврдиле дека на 8 февруари Лога ќе престојува во официјална посета на Турција, заедно со претставници на македонските правосудни органи. Во Анкара, заедно со министерот за правда, како што објавија неофицијално дел од медиумите минатата недела, ќе отпатуваат и претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева и шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази. Од двете институции засега нема официјална потврда дека ќе бидат дел од делегацијата предводена од министерот за правда.

Инаку, според Правда, Лога во Анкара ќе се сретне со својот колега, министерот за правда на Турција, Јилмаз Тунч, а предвидени се и средби со претседателот на парламентот на земјата, со претседателите на Уставниот и Врховниот суд, како и со претставници на Академијата за судии и јавни обвинители.

Од Правда велат дека не можат да споделат официјални информации кога Палевски би бил екстрадиран од Турција во земјава. Исто така, не може да се каже ниту колку време осомничениот за двојното убиство може да остане во Турција, бидејќи тоа е прашање за турските власти кои постапуваат согласно нивните закони.

Инаку, доколку и кога Палевски ќе бидат екстрадиран во земјава тој веднаш ќе биде спроведен во казнено-поправна установа, бидејќи веќе му е одреден притвор во рамките на истражната постапка што Основното јавно обвинителство Скопје ја отвори за случајот, кој ја потресе македонската јавност, но и регионот.

Слични објави