Поранешниот државен јавен обвинител кој беше кандидат за избор на уставен судија, Љубомир Јовески, за кого денеска од Собранието информираа дека е повлечен предлогот, во изјава за МИА вели дека е изненаден дека предлогот беше повлечен без да се наведат основни причини за тоа.
Изненадувачки, вулгарно беше тоа дека предлогот е повлечен без да се наведат основни причини за тоа. Пристојно е да се дадат два три збора. Нанесена ми е штета, ако не сметале дека може процесот до крај да го водат, не требало да ме предлагаат, бидејќи бев изложен на непотребни напади – вели Јовески.
Тој рече дека сметал дека процесот е завршен, бидејќи веќе година и половина не се покренувало ништо.
Бидејќи таа работа година и пол не се покренуваше пред Комисијата за избор и именување сметав дека е завршено, односно дека нема ништо од предлогот за уставен судија, затоа што тие ако сакаа да го завршат тоа имаа време и можности – рече тој.
Јовески вели дека е изненаден како тоа денеска беше изведено, односно, дека претседателката на Комисијата на денешното 25 продолжение на 13. Седница на Комисијата за избор и именување само соопшти дека предлогот е повлечен без да каже повеќе детали.
Воопшто во оваа година и пол со никого не комуницирав во врска со предлогот, а врз основа на моето досегашно искуство сметав дека нема потреба со некого да комуницирам, ниту некого околу тој дел да прашувам што станува со предлогот – рече Јовески.
Тој дополни дека е горд што е еден од двајцата обвинители кој го завршил шестгодишниот мандат и, како што рече, во моментов е посветен на прашања од неговата професија.