Добро да се инвестира во инфраструктура, но подобро е да се инвестира во железница отколку во автопати кои загадуваат. Она што повеќе и треба на државата е инвестиции во железница и инвестиции во зелена енергија. Во железницата не се инвестира, а во зелена енергија инвестираат поранешни и актуелни политичари и тоа може да се нарече повторна приватизација на Македонија. Ние го приватизираме и единственото што ни преостана – сонцето, вели Бранимир Јовановиќ, од Виенски институт за меѓународни економски студии во СТУДИО 10 на ТВ 24.
-Начинот на кој се спроведува договорот со „Бехтел и Енка“ Владата го прави погрешно и во стилот на Груевски. Не може еден таков огромен државен договор да се класифицира и јавноста да нема увид. Тоа е класична грешка на Владата. Освен тоа има проблематични ставки како работата од 60 часа неделно. Нека пробаат министрите да работат 60 часа неделно за плата на градежен работник па да видиме дали ќе се залагаат за таа мерка, вели Јовановиќ и додава дека сето тоа може да се реализира со 40 часа работно време, но со повеќе работници и со поголеми плати.
Јовановиќ вели дека статистички во Австрија се работи помалку отколку во Македонија, работната недела е 38 часа, а сега има иницијатива за 32 часа работна недела. Тој додава дека тренд во Европа е намалување на работната недела. Според него, северот на Европа работи помалку од јужните посиромашни земји на Европа.