Денеска во цела Јапонија точно во 14:46 по локално време, со едноминутно молчење беше оддадена почит на жртвите од катастрофалниот земјотрес, цунами и нуклеарната катастрофа во Фукушима.
На 11 март 2011, Јапонија го доживеа најголемиот регистриран земјотрес кој предизвика големо уништување, а Цунамито што следеше го причини уништувањето на регионот Тохоку во североисточниот дел на Хоншу. Покрај големите човечки и матерјални загуби, природната катастрофа доведе до нуклеарна катастрофа во нуклеарната централа “Фукушима Даичи”. Нуклеарната катастрофата во Фукушима е втора најголема нуклеарна катастрофа во историјата, која гринуди раселување на над 154.000 луѓе од нивните домови и преку 22.000 загинати.
Во текот на вонредната состојба, трите оперативни нуклеарни реактори во Фукушима успешно беа исклучени, но резервните системи за напојување и ладење откажаа. Ова предизвика делумно топење на прачките за гориво во сите три реактори. Додека спасувачките екипи ги пребаруваа урнатините по земјотресот и цунамито, нуклеарната катастрофа се случи во текот на неколку дена. Реакторите 1 и 3 експлодираа на 12 и 14 март, што ја натера владата да ги евакуира сите во радиус од 20 километри. Втората експлозија во зградата во која се наоѓаше Реакторот 2 на 15 март испушти уште поголема радијација, и ја забрза евакуацијата на населението.
Последиците станаа очигледни во текот на следните месеци, кога владата ги евакуираше сите жители во радиус од 30 километри од централата. Првично немаше смртни случаи од инцидентот, иако тоа беше малку утешно за 154.000-те кои беа евакуирани или за најблиските на повеќе од 22.000 луѓе кои ги загубија животите како резултат на земјотресот и цунамито.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида го повтори своето ветување за поддршка на тековните напори за обнова на нуклеарната централа Фукушима.
„Ослободувањето на прочистената вода е чекор што не може да се одложи“, изјави Кишида за новинарите по денешната церемонија.
Операторот на централата во Фукушима, Tokyo Electric Power Company и јапонската влада ги прават последните подготовки за ослободување на повеќе од 1,3 милиони тони прочистена радиоактивна вода во морето, почнувајќи од следните месеци.
Жителите на северните јапонски префектури Ивате и Мијаги, кои беа погодени од цунамито, отидоа на брегот да се молат за своите најблиски кои загинаа, додека во едно основно училиште во Сендаи, во префектурата Мијаги северно од Фукушима, жителите пуштија стотици шарени балони во спомен на загинатите.
Во Токио, десетици луѓе се собраа на митинг за годишнината во центарот на градот, а активистите кои се противат на употребата на нуклеарна енергија организираа митинг.