Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев се огласи не својот Фејсбук профил со реакција за непрофесионалното однесување на полициски службеници во инцидент со пајка службата во Дебар маало.
-За жал, утрово кога ја дознавме веста за уште една, шеесетта жртва од трагичниот пожар во Кочани, се појавија информации за непрофесионално однесување на одредени полициски службеници. Не отстапуваме од нашата одлучност за чесно, професионално и со висок интегритет извршување на полициската должност. Максимално транспарентно и посветено се проверуваат сите околности на (не)постапувањето на полициските службеници во двете ситуации за кои јавноста оправдано реагира. Полицијата е тука да ги спроведува законите фер и без исклучоци, да ги брани правата на сите, без разлика на потекло или припадност, вели Јанев.
Тој нагласува дека никој, без разлика на неговата позиција, не е над законот.
-Никој не смее и нема да дозволиме да отстапува од кодексот и постапување со етичност и интегритет. Секое однесување што ја нарушува довербата на граѓаните треба и ќе биде откриено и санкционирано. Апелирам до сите чесни и совесни граѓани да се приклучат во откривање на секое несовесно, неодговорно или непрофесионално работење на кој било припадник на полицијата. Заедно, да ја изградиме полицијата како вистински сервис за народот, а не како сила која владее со него, нагласува Јанев.