Конзорциумот „Бектел и Енка“ во огласот за работници на коридорите што треба да ги гради бара работници со познавање на т.н „северномакедонски јазик“.
Институт за демократија, човекови права и дигнитет – Скопје ја побарал одговор од Владата и од фирмата зошто на огласот за вработување за работното место „Водач за односи со јавноста“ се бара кандидат со „северномакедонски мајчин јазик“, а не македонски јазик, како што тој официјално се нарекува согласно закон?
„Бараме одговор од македонската Влада и фирмата ‘Бехтел и Енка’, зошто на огласот за вработување за работното место ‘Водач за односи со јавноста’ е наведен официјалниот јазик на земјата како ‘северномакедонски мајчин јазик’, а не македонски, согласно Закон? Зошто во албанската верзија македонскиот јазик е наведен како ‘мајчин јазик на Република Северна Македонија’ и зошто во огласот за вработување од ‘Бехтел и Енка’, македонската верзија е последна, по англиската и албанската?, велат од Институтот во писмената реакција испратена до медиумите.

Албанската верзија на огласот за позицијата „Водач за односи со јавноста“ објавен од „Бехтел и Енка“
Од Институтот посочуваат дека огласот е спротивен на одредбите од Законот за употреба на јазиците, ги дискриминира Македонците и треба веднаш да биде отстранет или коригиран.
Се работи за оглас кој конзорциумот „Бехтел и Енка“ го има објавено за позицијата водач за односи со јавноста поврзан со проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д.
Огласот во целосен ПДФ-формат беше достапен на онлајн-платформата за огласи за вработувања Кариера.мк, но по околу еден час од објавувањето на реакциајта на Институтот за демократија, човекови права и дигнитет, тој беше избришан и повеќе не е достапен на нивната веб-страница.