Шефот на германското разузнавање: НАТО би можел да го активира Членот 5 поради руска саботажа

од Вести365.МК | М.Т.

Руската саботажа на западни цели на крајот може да го поттикне НАТО да размисли за повикување на клаузулата за меѓусебна одбрана од Членот 5 од алијансата, изјави во средата шефот на германската служба за надворешно разузнавање (БНД).

Говорејќи на тинк-тенк настанот „DGAP“ во Берлин во средата, директорот на БНД, Бруно Кал, рече дека очекува Москва дополнително да ја засили својата хибридна војна.

„Широката употреба на хибридни мерки кон кои прибегнува Русија го зголемува ризикот НАТО на крајот да размисли за повикување на клаузулата за меѓусебна одбрана од Членот 5“, посочил тој.

„Истовремено, зголемувањето на рускиот воен потенцијал значи дека директен воен конфликт со НАТО станува една од можните опции за Кремљ“, оценува тој.

Според Членот 5, доколку е нападната членка на НАТО, другите членки на алијансата се должни да ѝ помогнат во одговорот.

НАТО и западните разузнавачки служби предупредија дека Русија стои зад зголемениот број непријателски активности низ евроатлантската област, кои се движат од повторени сајбер напади до подметнување пожари, што Русија го негира.

Ако Русија нападне еден или повеќе од своите сојузници во НАТО, нема да го стори тоа за да приграби огромни делови од земјата, рекол Кал, туку повеќе да ги тестира црвените линии поставени од Западот за да го порази западното единство и НАТО како одбранбен сојуз.

„Сè уште немаме никакви индикации дека Русија има намера да влезе во војна, но ако таквите чувства надвладеат во владата во Москва, тогаш ризикот од воен конфликт ќе се зголеми во наредните години“, вели тој.

Според проценките на германските експерти, високи функционери во руското Министерство за одбрана се сомневаат дека членот 5 на НАТО, вклучително и американските заштитни мерки за Европа, навистина ќе се применуваат во итен случај, заклучува шефот на германската разузнавачка служба.

Членот пет на Повелбата на НАТО е еден од најважните столбови на Алијансата, тој предвидува дека напад врз една земја членка се смета за напад врз сите останати

Доколку една членка на алијансата биде нападната, НАТО мора да преземе дејства за кои смета дека се неопходни, вклучително и употреба на вооружена сила, со цел да се одржи безбедноста на северноатлантската област.

НАТО досега само еднаш се повика на членот 5, по серијата напади на 11 септември 2001 година, кога терористичката група Ал каеда ги нападна САД.

Слични објави