Шаќири: Барањата на матурантите што имаат законска основа ќе бидат прифатени

До крајот на неделава или на почетокот на идната ќе имаме конкретен одговор кој ќе биде во насока на тоа што има законска основа и што може да се прифати. Се друго што не може да се прифати и за што се потребни законски измени, не можеме таквите барања да ги разгледаме во овој период, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири во однос на барањата на дел од матурантите за скратување на материјалот за полагање на државната матура за што во петокот протестираа и беа примени во неговиот Кабинет.

Шаќири соопшти дека за нивните барања денеска имал средба со директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) и нагласи дека МОН поддржува се што има законска основа.

-Дел од ученичкиот сојуз е во редовна комуникација со ДИЦ во изминатата година и тие се известени за се што треба да се реализира на државната матура. Но пак, по барањето на средношколците денеска имав средба со ДИЦ и ќе имаме конкретен одговор за нивните барања, рече Шаќири одговарајќи на новинарски прашања по промовирањето на првата група студентки од иницијативата „Global Engineer Girls North Macedonia“.

Шаќири денеска имал состанок и со претседатели и претставници на студентски сојузи од универзитетите за да разговара за нивните барања. Разговарале за изедначување на износите на стипендии од иста категорија со анекс на договорите.

Слични објави