Четврти ден се трага по Лидија: Што досега знаеме за исчезнатата жена од Јурумлери?

од Вести365.МК | М.Т.

Веќе четврти ден како се трага по исчезнатата Лидија Трајковска од скопското село Јурумлери. Министерството за внатрешни работи вчера информира дека пронашла неколку предмети за кои се верува дека ѝ припаѓале на 43-годишната жена која последен пат била видена на автобуска станица во скопското село во петокот утрото. Во близина на мостот на реката Вардар, при пребарување на теренот пронајдени се кутија од цигари, запалка и џемпер.

Полицијата користи и дрон во потрагата, со кој ги надлетувала бреговите на Вардар во должина од речиси пет километри кон југ, сè до селото Огњанци. Биле пребарана пошироката околина и напуштените објекти во овој реон.

-Дополнително пребарана е и пошироката околија и напуштени објекти. Потрагата продолжува интензивно се до пронаоѓање на лицето, посочија од полицијата.

Како што ќерката на исчезнатата жена пишува на социјалните мрежи, станува збор за посветена мајка, сопруга, вработена жена, без никакви здравствени проблеми.

„Никогаш не се случило вакво нешто, сите сме затекнати и бараме помош во наоѓањето на мајка ни. Таа е семејна жена, вработена во Тинекс месара, излегла од дома околу пет часот наутро додека сестра ми и татко ми сè уште спиеле. Не знаеме што се случило, ова е голем шок за сите нас и несвојствено за мајка ни, и случајот веднаш го пријавивме во полиција“, напишала таа.

Керката на Лидија информира и дека добиле повици од многу граѓани кои наводно ја забележале, но се работело за други жени односно се препознале. Од семејството вознемирено раскажуваат и дека добиле порака со обид за изнуда на пари, во замена за информација за тоа каде се наоѓа Лидија.

„Преку whatsapp добивме порака, ни бараа првин да уплатиме 500 евра на трансакциска сметка, а потоа откако наводно ќе ни кажеле што знаат за мајка ми, да сме уплателе уште 500 евра. Веднаш пријавивме во полиција. Според последните информации, лицето кое се обиде да изнуди пари е идентификувано и не е некој кого ние го познаваме. Ужасно е да се користи ова кое нас не снајде, како начин да се дојде до пари“, појаснила ќерката на Лидија во изјава за медиумите.

Како што претходно објави нејзиниото семејство, таа носела зелен дуксер со црни шари, бели фармерки и црни чизми.

„Исчезната е мојата мајка, последен пат видена на автобуска на Јурумлери, носи зелен дуксер со црни шари, бели фармерки и црни чизми, доколку некој ја види ве молам јавете се 071345208“, напиша на Фејбук ќерката на Трајковска кратко по исчезнувањето на мајка ѝ.

Според информациите на семејството, таа била вознемирена, но не се знае од што. Нема телефон, ниту документи во неа. Сето ова се случило утрото околу 5 часот утрината во петокот. Што се случило со неа од автобуската станица па натаму не е познато.

Слични објави