Франција денес прогласи „црвен аларм“ поради топлотниот бран во 72 департмани, додека во други 17 е активиран „портокалов аларм“, со оглед на тоа што екстремните температури продолжија низ поголемиот дел од земјата, јавува Анадолу.
Француската национална метеоролошка служба „Метео-Франс“ соопшти дека високите температури ќе се задржат уште еден ден, откако вчерашниот ден беше регистриран како најтоплиот ден во земјата од 1947 година, со просечен национален температурен индекс од 30 Целзиусови степени.
Од „Метео-Франс“ наведуваат дека се соборени неколку температурни рекорди во западна Франција, вклучувајќи ги и измерените 43 степени во Фонтне.
Метеоролошката служба информира дека температурите денес се очекува да надминат 30 степени во поголемиот дел од земјата, а во некои области да достигнат и до 40 Целзиусови степени.
Исто така, „Метео-Франс“ соопшти дека црвениот аларм за топлотниот бран од вечерва ќе биде укинат во 11 западни департмани.
Телевизијата БФМТВ објави дека во 48 департмани е активиран и портокалов аларм поради висок ризик од шумски пожари.
Се наведува дека ризикот се смета за многу висок во департманите Де-Севр и Горна Гарона.
БФМТВ исто така јави дека железничкиот сообраќај во регионот Нова Аквитанија е во прекин во текот на денот сè до петок и дека возовите ќе сообраќаат само во утринските и вечерните часови.