Утре протест на болните од цистична фиброза

Болните од цистична фиброза утре ќе протестираат за лекот трикафта и поради тоа што се доцни со неговата набавка.

Како што информираа утре напладне пред Министерството за финансии ќе побараат државата да го обезбеди лекот Трикафта за сите.

-Немаме се уште официјален допис од страна на надлежните во однос на оваа проблематика иако неофицијално се слушаат одредени информации дека ќе добијат уште 18 пациенти, но тоа се уште не е потврдено и не е кажано, иако неофицијално поминало на седница на Влада и има одлука, изјави Фики Гаспар, претседател на Асоцијацијата на пациенти со цистична фиброза.

Од Асоцијацијата инсистираат да има континуирана програма за набавка на лекот, а не еднократно и со интервентен увоз. Досега Трикафта примија 12 пациенти и кај сите нив има значително подобрување на здравствената состојба и имаат поквалитетен живот.

-Кај сите има изненадувачки позитивни резултати и поради тоа не треба да престанат, и треба да се обезбеди лекот за сите за да нема поделби и за да нема неизвесност и страв кај пациентите, категоричен е Гаспар.

Од Министерството за здравство изминатиот период неколку пати најавија дека работат на обезбедување на Трикафта за сите кои имаат потреба од лекот, но не соопштуваат до каде е постапката и кога ќе го добијат и други пациенти.

За да може оваа терапија да се купува директно од производителот беа направени и законски измени, а надлежните се заинтересираа за болните од цистична фиброза откако во февруари почина пациент чекајќи државата да му го набави лекот.

Слични објави