Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово против управител на друштво за технички прегледи на возила, осомничен за продолжено кривично дело „Проневера во службата“.
Според пријавата, осомничениот во периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2025 година присвојувал пари наплатени од граѓани и компании при регистрација на возила, кои биле наменети за јавни давачки. Финансиската полиција наведува дека на тој начин на правното лице му била прибавена имотна корист од 41.518.042 денари, односно околу 675.000 евра.
Средствата биле наменети за општини, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Дополнително, според пријавата, во текот на 2022 и 2024 година биле отпишани јавни давачки во вредност од 17.090.623 денари. Со тоа, наводно, во сметководствената евиденција бил намален долгот кон институциите и бил прикажан помал износ на обврски. Случајот е доставен до обвинителството за понатамошно постапување.