Новата влада на Македонија ќе добие заем од Унгарија од една милијарда евра по исклучително поволни услови, коментираат унгарските медиуми. Според овие медиуми, ова е најголемиот заем што владата во Будимпешта го одобрила некому откако Виктор Орбан ја презеде власта.
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер заемот од една милијарда евра го најави веднаш по победата на парламентарните избори на 8 мај.
Идниот министер за транспорт и врски Александар Николоски потврди дека новата Влада, чие гласање е закажанo за денеска, ќе се задолжи за една милијарда евра во странство, а заемот нема да се земе од Кина, туку од земја членка на ЕУ и на НАТО.
Неофицијално, кредитот ќе биде подигнат со ниска каматна стапка од три проценти што е исклучително поволен услов за какво било задолжување за една земја во странство.