Украиците се пофалија: Запрено руското напредување во Бахмут

од Вести365.МК Ј.Р.

Битката за градот Бахмут, кој Русија со месеци се обидува да го освои, е „стабилизирана“, а руското напредување е запрено, тврди шефот на генералштабот на украинската војска, Валериј Залужни. Тој за ова заслугата ја припиша на „громните напори што ги вложуваат украинските сили“, пренесува „Би-би-си“.

Според последните податоци на западните служби, се проценува дека меѓу 20.000 и 30.000 руски војници биле убиени или повредени во Бахмут од почетокот на борбите за негова окупација лани летото.

Високиот број на руски жртви можеби е главната причина што Украина не се повлече од градот, велат аналитичарите.

Генерал-полковникот Залужни на Фејсбук напиша дека иако ситуацијата на фронтот во Украина „е најтешка во правецот Бахмут… поради огромните напори на одбранбените сили, ние успеваме да ја стабилизираме ситуацијата“.

Неговите коментари се последниот позитивен сигнал од украинските власти за долгата битка за Бахмут.

Министерството за одбрана на Обединетото Кралство денеска соопшти дека рускиот напад врз Бахмут „во голема мера е закочен“, наведувајќи го „екстремното трошење“ на руските сили како причина, и додаде дека Русија најверојатно го префрлила својот оперативен фокус на југ и север од градот Бахмут.

Ваквите потези може да сугерираат севкупно враќање на одбранбени позиции на Русија, откако не успеа да постигне значителни резултати во нејзините обиди да спроведе општа офанзива од јануари.

Претходно оваа недела, Олександр Сирски, командант на украинските копнени сили рече дека руските трупи се „исцрпени“ во близина на Бахмут. Неделава линијата на фронтот кај Бахмут ја посети и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Американскиот Институт за проучување на војната во четвртокот објави дека иако Украина е помалубројна од платеничката војска Вагнер, украинските сили „продолжуваат да ги исцрпуваат платениците, што ќе им овозможи на украинските сили да продолжат со неодредени идни офанзивни операции“.

Пред руската инвазија во Бахмут живееле околу 70.000 луѓе, но денес во уништениот град се останати само неколку илјади жители.

Слични објави