Тошковски: Мора правилно да се примени системот од камери за сообраќајни прекршоци

од Вести365.МК | М.Т.

Системот на камери за снимање на сообраќајни прекршоци низ Скопје, мора да биде пуштен бидејќи буквално ќе спасува животи, изјави вечерва за ТВ Алфа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Оние кои претходно го менаџирале процесот на техничка и законска имплементација, не воделе грижа како ќе се заокружи цел процес, од самото сликање-евидентирање на прекршокот, па сè до наплата на истиот. Ако при тест периодот утврдивме дека со 15% активни камери за период од 24 часа имаме илјадници констатирани прекршоци за недозволена брзина, замислете колку ќе имаме со 100% имплементирани камери и кој ќе ги процесуира овие постапки. Но, работиме деноноќно на решавање на овие аспекти и мораме да го имплементираме бидејќи ако се погледнат бројките… еве 2017 година сме имале 149 жртви, 2018 – 129 жртви, 2019 – 126… Ние годишно губиме повеќе од 120 граѓани, најчесто млади луѓе. Мораме да го имплементираме овој систем во делот на сообраќајните прекршоци за да спасиме животи. Овие бројки нема да бидат вакви кога граѓаните ќе знаат дека секој еден престап ќе биде снимен и соодветно казнет. На овој проект сум посветен лично и мораме да го имплементираме како што треба, да спасиме човечки животи“, потенцираше министерот Тошковски.

Слични објави