Основниот суд во Тетово денеска неправосилно ја осуди на 10 години затвор на 17-годишната девојка која го уби 16-годишното момче кое било нејзин пријател. Бидејќи станува збор за малолетни лица, судењето беше затворено за јавноста, а денеска одлуката за изречената казна судот во Тетово ја објави на неговата веб страна.
„Основниот суд Тетово денес донесе пресуда за настанот случен на ден 21.12.2022 година на местото викано Бањиче, во кој е лишен од живот детето Б. Х. на возраст од 16 години, а за кој настан постапката се водеше спрема дете во судир со законот на возраст од 17 години, за кривично дело Убиство по чл. 123 ст.2 т.1 од КЗ. Судот донесе пресуда со која детето во судир со законот е огласено за виновно и изречена му е казна Затвор за деца во траење од 10 години“, се вели во соопштението од Основниот суд во Тетово.
Затворската казна од 10 години девојката ќе ја отслужува во затвор за деца.
Истражителите утврдија дека девојката по вербална расправија во автомобил, со предмет го удрила оштетениот во главата неколкупати, нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот. Потоа го турнала во реката Пена.
Овој случај ја разбранува јавноста.
На 22 декември 2022 година, по неколкучасовна потрага, во водите на Пена беше пронајдено безживотното тело на 16-годишникот.