Страотен пожар во Крит запалени се домови и евакуирани се 3.000 луѓе

од Вести365.МК Ј.Р.

Голем шумски пожар, кој избувна во попладневните часови во среда, продолжува да беснее неконтролирано во близина на туристичката дестинација Јерапетра на грчкиот остров Крит, објави Мирор.

Засилен од оркански ветрови со сила до 8 степени според Бофоровата скала, пожарот бргу се проширил на југ, зафаќајќи домови, апартмани и клучна инфраструктура.

Пожарниот фронт се протега на над 6 километри, а грчките власти се соочуваат со една од најтешките интервенции ова лето. Повеќе од 2.700 пожарникари и спасувачи се распоредени на терен, поддржани од 8 авиони, 12 хеликоптери и од десетици специјализирани возила и цистерни.

– Моментално не можат да го задржат пожарот. Ситуацијата е многу тешка – изјави претставникот од Службата за цивилна заштита, Нектариос Пападакис.

Пожарот избувнал во тешко пристапна шумска област помеѓу населбата Агија Фотија и селото Скинокапсала, на источниот дел од Крит, каде што густа и високо запалива вегетација дополнително го разгорува огнот. Чадот од пожарот се проширил дури до плажата Макри Гиалос, каде што противпожарните служби се обидуваат да го локализираат. Видливоста во поширокиот регион е значително намалена, а според локалните власти, на одредени локации е речиси нулта.

Главниот пат во близина на Агија Фотија бил затворен за сообраќај, а полицијата апелирала до жителите и туристите да се воздржат од непотребни патувања поради опасниот квалитет на воздухот, екстремната топлина и поради пепелта што постојано паѓа од небото. Населбата Агиа Фотија останала и без електрична енергија, јавуваат локални извори.

Слични објави