Неколку илјади луѓе денеска одржаа протест пред германската амбасада во главниот град на Молдавија, Кишињев.
Тие побараа почитување на неутралноста на Молдавија и изразија незадоволство од милитаристичката реторика на раководството на земјата.
Активистите носеа транспаренти со зборовите „Кажи не на војната“ и „Молдавија е неутрална земја“, пренесува ТАСС.
„Дојдовме пред германската амбасада со барање да ја почитуваат неутралноста на Молдавија и да ги земат нивните оклопни возила што ни ги донираа. Ако сакаат да помогнат нека донираат трактори, комбајни, пластеници и училишни автобуси, она што му треба на народот на Молдавија денес“, напиша еден од демонстрантите на својот Фејсбук профил.
Германија претходно и достави на Молдавија шест оклопни транспортери од типот „пирана“ и друга воена помош. Во првата половина од оваа година Молдавија ќе добие вкупно 19 борбени возила, а се очекува и испорака на беспилотни летала, јави ТАСС.
Воена помош за Молдавија најавија САД, ЕУ и НАТО, а според податоците на молдавското Министерство за одбрана, таа земја веќе добила малокалибарско оружје.