Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најавува дека наскоро работниците ќе излезат на улица, а според потпретседателот на Советот на ССМ за приватен сектор Иван Пешевски, протестите може да прераснат и во генерален штрајк. Точниот датум за почетокот на протестите ќе се одреди наредната недела кога ќе заседаваат највисоките органи и тела.
– До крајот на месецов протестите сигурно ќе се случат, веројатно околу 25 јануари. За почеток, ќе организираме еден голем работнички протест, а потоа како ќе ги држи желбата работниците, така и ние ќе постапуваме. Ние сме подготвени да организираме и генерален штрајк – вели Пешевски во изјава за „Слободен печат“.
Тој објаснува дека протестите не се само за да се зголеми минималната плата, туку да се зголемат и сите плати.
– Нашето барање веќе е минимална плата од 600 евра, но и зголемување на сите останати плати по 6.000 денари. Во приватниот сектор таму каде што се почитуваат колективни договори се коригираат платите. Според Општиот колективен договор за стопанството, сите ја чекаат минималната плата. Па, така, ако таа се зголеми на 600 евра, тоа ќе има влијание и врз сите други работници, затоа што минималната плата мора да се множи со коефициент, со што ќе се зголемат и другите плати – вели Пешевски.
Но, колку реално со растот на минималната плата, растат и другите плати? Дали сите множат минимална плата со коефициенти? Такви фирми, кои работат според регулативата, како што вели Пешевски, „се бројат на прсти“.
– Фирмите не прават систематизација за да креираат плата според законите. Државниот трудов инспекторат нема капацитет инспекторите да одат од фирма во фирма и да проверуваат, па така и кога има раст на минималната плата, другите плати стагнираат. Позитивни се искуствата кај фирмите што се синдикално организирани и затоа ги охрабрувам тоа да го прават – вели Пешевски.
Тој објаснува дека бараниот раст на сите плати за 6.000 денари не е произволен, туку токму толку пораснале трошоците за живот за една година.
Според важечкиот Општ колективен договор за стопанството, кој е облигационен, платата се добива со множење на основната плата со одреден коефициент.
„Основната плата се определува врз основа на барањата на работното место (стручна подготовка, стекнати вештини, сложеноста и одговорноста на работното место), а се утврдува така што коефициентот на сложеност на работното место на кое работникот работи според договорот за вработување се множи со пресметковната вредност за единица коефициент (досегашна најниската плата)“, пишува во Општиот колективен договор.
Според Законот за минимална плата, „исплатената висина на минимална плата во бруто-износ за месец март секоја година се усогласува со: 50 проценти од порастот на просечно исплатената нето-плата во Република Северна Македонија за претходната година според податоците на Државниот завод за статистика и 50 проценти од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика“.
Според досегашните најави од Владата, се очекува минималната плата во март да порасне од 1.600 до 2.000 денари. Но, како што вели Пешевски, ова не е раст на минималната плата, туку е усогласување, односно надополнување на загубената вредност во согласност со постојната регулатива.
– Останавме на опашката во регионот и со минимална и со просечна плата. Не е точно дека работодавачите ги немаат парите за да зголемат и минимална и други плати. Тоа најдобро се гледа по завршните сметки и милионските добивки. Владата треба да пресече, а не да нè остава да се договараме со работодавачите, затоа што ним не им се намалуваат тие милионски добивки – вели Пешевски.
Инаку, минималната плата во државата е 24.379 денари. Тоа е основна плата, а дополнително треба да се пресметува износот за прекувремена работа, работа за време на празници и минат труд.
Минималната плата е под прагот на сиромаштијата
Стапката на сиромаштија во Македонија во 2024 година изнесувала 21,9 проценти, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
– Прагот на сиромаштија е утврден на 374.400 денари годишно, односно околу 6.100 евра. Тоа значи дека едно четиричлено семејство месечно треба да располага со најмалку 31.200 денари за да не се смета за сиромашно. Владата смета дека минималната плата треба само да се усогласи за околу 25 евра и да изнесува околу 26.000 денари или за 5.200 денари под прагот за сиромаштија – велат од ССМ.