Состанок на Г20 во Њу Делхи – Пристигнуваат шефовите на американската, руската и кинеската дипломатија

од Вести365.МК Ј.Р.

ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ќе биде во центарот на состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20 во среда во Њу Делхи, на кој, меѓу другото, се очекува да присуствуваат и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговите американски и кинески колеги Антони Блинкен и Чин Ганг. Главните средби се очекуваат во четврток, а вечера за добредојде ќе се одржи во среда.

Министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Кина и САД нема да бидат на вечерата бидејќи нема да пристигнат навреме во Њу Делхи, а Лавров, на барање на руската амбасада, ќе седне со делегацијата на Обединетите нации, Арапските Емирати и земјите од Источна Азија. Москва најави дека ќе го искористи состанокот за да му објасни на светот кој е одговорен за политичката и економската криза во која се наоѓа светот.

„Оваа војна мора да биде осудена“
Берлин веднаш одговори дека министерката за надворешни работи Аналена Баербок „нема да дозволи Русија да го преземе целото внимание и цврсто ќе се спротивстави на руската пропаганда“. Собирот доаѓа неколку дена откако состанокот на министрите за финансии на Г-20 во Бенгалуру, исто така, беше во сенка на конфликтот во Украина.

Тогаш делегациите не успеаја да се договорат за осуда на Русија за војната, па мораа да се задоволат со документ кој беше само резиме на состанокот. „Оваа војна мора да биде осудена. Се надевам, сигурен сум, дека Индија ќе ги искористи своите дипломатски капацитети за да ја натера Русија да разбере дека оваа војна мора да заврши“, рече шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

„Деструктивната политика на САД го доведе светот на работ на катастрофа“
Од европски извор се дознава дека делегацијата на ЕУ нема да ја поддржи завршната изјава доколку таа не содржи осуда на војната. Руската амбасада во Њу Делхи доцна во вторникот соопшти дека руската страна „има намера да зборува решително и отворено за причините за сериозните проблеми во светската политика и економија и за поттикнувачите што доведоа до нив“.

„Деструктивната политика на САД и нивните сојузници веќе го доведе светот на работ на катастрофа, предизвика блокада на социјалниот и економскиот развој и сериозно ја влоши ситуацијата во најсиромашните земји“, се вели во соопштението.

Според најавите, американскиот државен секретар Блинкен нема да се сретне ниту со Лавров, ниту со Чин. Земјата домаќин Индија најави дека војната во Украина ќе биде важна тема на разговор, но дека „соодветно внимание“ ќе биде посветено и на проблемите поврзани со „храната, енергијата, безбедноста на вештачките ѓубрива и влијанието што конфликтот го има врз економската предизвици со кои се соочува светот“.

Слични објави