На 17 март во Скопје Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија го одржа својот 16-ти состанок. На состанокот претседаваше г. Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија. Во делегацијата на Северна Македонија беа и г. Бојан Маричиќ, вицепремиер и г. Бујар Османи, министер за надворешни работи. Делегацијата на ЕУ беше предводена од г. Жосеп Борел Фонтелес, Висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, како и г. Оливер Вархеји, Комесар за соседство и проширување, кои ја претставуваа Европската комисија.
Ова е првпат Советот на СА да одржува состанок во Северна Македонија, со што се потенцира целосната и недвосмислена посветеност на перспективите за членство на Западен Балкан во ЕУ, како и кон процесот на пристапни преговори на Северна Македонија. Состанокот беше можност да се разгледа напредокот што Северна Македонија го постигна во подготовките за членство во ЕУ и во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и да се дискутира за натамошната работа што е потребна. Учесниците го поздравија напредниот процес на аналитичко прегледување на законодавството на ЕУ (скринингот), додека со нетрпение го очекуваат завршувањето на скрининг процесот, се вели во заедничкото соопштение по 16-от состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, на својот фејсбук профил истакна дека Европската Унија ќе го интензивира ангажманот на сите нивоа за поддршка на напредокот на Северна Македонија.
„Имаме целосна поддршка од EУ, со недвосмислена посветеност за успех во нашиот следен исчекор во процесот на европските интеграции.
Нашите европски партнери ги поздравуваат и политиките на добрососедство, што ги водиме преку зрел и одговорен пристап, базиран на меѓусебно почитување и дијалог, со отфрлување на популизмот како штетник на овие искрени намери и провоциран од трети страни кои немаат добри намери за европерспективите на Западен Балкан.
Подготвени сме да работиме заедно со европските партнери на унапредување на социјалните и економските реформи и на опиплив напредок во владеењето на правото, кон што ги охрабруваме правосудните органи.
Благодарам на високите европски претставници Жозеп Борел и Оливер Вархеји за успешниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација“, заклучи Ковачевски.