Смртниот биланс од последниот масовен напад на Русија врз главниот град на Украина, Киев, се искачи на најмалку 23 убиени лица, соопшти денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски посочувајќи дека 22 жртви биле од само едно место во градот, населбата Дарницки.
Дополнително, според украинскиот претседател, во нападот се повредени повеќе од 50 лица, а осум и понатаму се водат како исчезнати.
Соопштувајќи ја ситуацијата по масовниот напад, Зеленски утрово го повтори својот повик дека мора да се бара одговорност од Русија за нејзините постапки преку силен меѓународен притисок и санкции за да не се остави чувство неказнивост кај Москва.
„Кога наместо дипломатија Русија избира балистика, продолжува да ги модернизира ‘шахидите’ за убивање и ја продлабочува соработката со актери како Северна Кореја, тоа значи дека светот мора соодветно да одговори. Потребни се силни санкции, силен притисок, силни чекори за убијците да не се чувствуваат неказниво“,рече Зеленски, пренесе „Гардијан“.
Неговиот повик доаѓа пред денешниот состанок на министрите за одбрана на Европската Унија во Копенхаген на кој главна тема треба да биде мерките што може да ги преземе Унијата за да ја натера Москва да седне на преговарачка маса. Дополнително, министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ, ќе разговараат и за поддршката и за безбедносните гаранции за Украина.
„Овие напади покажуваат дека (Владимир) Путин им се потсмева на напорите за постигнување мир што се преземаат. Затоа, она што треба да го направиме е да го зголемиме притисокот врз Русија“,рече високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, по пристигнувањето на состанокот.
Војната во Украина и напорите за постигнување мир се очекува да бидат тема и на состаноците на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен со челниците на земјите членки на Унијата од Истокот на континентот. Денеска во Тулон треба да се одржи и француско-германскиот самит, на кој ќе се сретнат француцскиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, вчера изјави дека по вчерашните ракетни напади не верува дека ќе се одржи предложената билатерална средба меѓу претседателите на Украина и Русија, Володимир Зеленски и Владимир Путин.