Силно невреме во Италија, црвен аларм во Словенија и делови на Хрватска, се движи кон Србија

од Вести365.МК Ј.Р.

Силно невреме денеска го погоди северниот дел на италијанската провинција Ломбардија. Според локалните медиуми, паѓал град со големина на тениски топчиња, а мало торнадо е снимено на североистокот на Милано.

Силниот ветер собори дрвја, град оштети автомобили и покриви, а патиштата беа поплавени. На два покрива избувнал пожар откако биле погодени од гром. Засега нема информации за жртви.

Од Италија бурата се пресели во Словенија. Црвено предупредување е издадено за западна и централна Словенија во периодот од 14 до 18 часот. На западот на Словенија од 13 до 17 часот е во сила црвена тревога, а во централниот дел од Словенија од 13 до 18 часот.

Можно е силно невреме со град, силен ветер и удари од гром, јавува РТВ Словенија.

Посериозно невреме се очекува денеска и утре и во Хрватска. Црвен аларм е прогласен за Истра, Кварнер, Горски Котар и Карлови Вари. Портокалово предупредување е во сила во остатокот од земјата поради можни грмотевици.

„Преземете мерки за самозаштита и  постапете според советите дадени од надлежните органи. Веројатни се широко распространети и силни бури со молњи опасни по живот, град, поројни поплави и бурен ветер. Треба да се очекуваат прекини во сообраќајот и прекини во снабдувањето со енергија. Можен е значителен прекин на вообичаените сообраќајни правци. Избегнувајте патувања кои не се исклучително важни“, предупредува хрватскиот ДХМЗ. Според метео прогнозата и утре ќе има слични временски услови.

Се очекува невремето, од Хрватска да прејде во Србија во доцните попладневни и вечерни часови. Во Србија се очекуваат временски непогоди, а Републичкиот хидрометеоролошки завод издаде предупредување: Се очекуваат силни грмежи со повремен град, краткотрајни налети на ветер и на места урагански ветар.

Силни грмежи се очекуваат денеска и утре попладне и навечер на подрачјето од Алпите, преку Западен Балкан и Србија до регионот на Карпатите, предупредуваат тамошните метеоролози. 

Слични објави