Се огласи Александар, менаџер на Конти во Македонија: Сите знаеја за ризикот

Македонија изминативе денови ја тресе аферата со пирамидалната шема Конти, каде се навлекова 14.000 граѓани кои во желбата за брза заработка голем дел од нив останаа без илјадници евра, а вкупата сума која е загубена можеби надминува десет милиони.

Кавадарчанецот Александар Димков бил еден вид на менаџер на Конти Македонија, односно лице кое ја отвори првата Конти канцеларија во земјава.

За „Фокус“ раскажува дека навистина добил бројни закани, и размислува дали да ги пријави во полиција.

Вели дека сите кои се вклучиле во шемата, добро знаеле за што станува збор. Немало никакви гаранции за сигурна добивка, никој не потпишал никаков договор, се плаќало во крипто валути, нешто кое кај нас не е регулирано со закон, но не е ниту пак забрането.

-Зад апликацијата стои Конти Интернационал, компанија од Обединетото Кралство. Кај нас, во Македонија, Конти дојде преку Словенија. Јас се вклучив во април во играта. Кога стигнав до трето ниво, добив еден вид на награда, отворање на канцеларија. Ја отворив канцеларијата во Кавадарци чија намена беше информационо биро, и постојано доаѓаа заинтересирани граѓани, имавме презентации околу тоа како функционира шемата.

На сите им беше кажано дека средствата кои ги уплаќаат, не ги уплаќаат кај мене на сметка, туку ги уплаќаат на апликацијата. Исто така, убаво беше појаснето дека гаранции нема. Но, факт е дека многу луѓе заработија, барем во Кавадарци, каде најмногу се распространи играта, во добивка се околу 90 проценти од учесниците.

-Канцеларија повеќе нема, но јас сум тука. Во градот сум, функционирам нормално, нема што да се кријам, ниту пак да бегам. Сите кои беа дел од Конти ги знаеја правилата, кои не ги диктирав јас, туку Конти Интернационал. И да не заборавиме, ова е на светско ниво, не е само во Македонија, значи од целиот свет имаше околу два милиони играчи, и сите немаат пристап до средствата, појаснува Александар.

Додава дека јасен бил ризикот.

Но ете, сите се надевавме на добивка. Некои добија, некои изгубија, рече тој.

Слични објави