На денешната прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ бара власта веднаш да ги објави официјалните анализи за квалитетот на водата во Гостивар и јавно да соопшти кој ги потпишал резултатите и која институција гарантира дека водата е безбедна за пиење.
Поповиќ ја обвини власта дека додека граѓаните сè уште ги чекаат официјалните документи за состојбата со водата, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ организираат партиски прослави во Гостивар.
Поповиќ оцени дека наместо одговорност за здравствената криза, граѓаните добиваат партиски настани, додека, како што тврди, сè уште нема јавно достапни документи со кои се потврдува безбедноста на водата.
Таа посочи дека граѓаните на Гостивар 22 дена биле изложени на неисправна вода, а повеќе од 5.000 лица побарале медицинска помош, додека пет недели подоцна, според неа, нема јавно објавен извештај или официјална потврда за резултатите од анализите.
„Ако сè е во ред, тогаш прашањето е многу едноставно: зошто пет недели нема официјално објавени резултати од анализите на водата во Гостивар? Зошто документите се кријат од јавноста? Кој ги потпишал анализите? Која институција официјално гарантира дека водата е безбедна за пиење?“, праша Поповиќ. објави Скопје1.мк