СДСМ реагираше на прес-конференцијата на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за резултатот во Брвеница, оценувајќи дека владејачката партија се обидува да прикаже „историски резултат“, иако, според нив, бележи пад од над 13 проценти.
Од СДСМ тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ ги споредува резултатите од советничките листи со директниот избор за градоначалник и дека на тој начин создава погрешна слика за изборниот резултат.
„СДСМ има 46 проценти повеќе гласови од минатиот пат. Тоа е единствената вистина“, наведуваат од партијата, додавајќи дека не се задоволни од резултатот, но дека го гледаат како показател за раст на довербата кон новото раководство.
Од СДСМ повторно упатија серија обвинувања кон Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои за криминал, корупција и работење во интерес на надворешни центри на моќ, без притоа во соопштението да приложат докази за овие тврдења.
Партијата порача дека се смета за единствена вистинска опозиција и дека ќе продолжи, како што велат, да се бори за правата на младите, работниците и пензионерите и за европска Македонија.