Сведочи адвокатот на Палчо: Ми рече „Знаев дека ќе наместат“

од Вести365.МК | М.Т.

Васко Стојков, адвокатот што го возеше Љупчо Палевски – Палчо, сведочејќи на денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, потврди дека на 30.11 претходната година бил со него во Белград.

Неколку дена претходно, во стан во населбата Аеродром кај „Ред кафе“, за кој подоцна дознал дека е на пријател на Палевски, паднал договор да го вози за Србија на прегледи со негово лично возило. Стојков, и самиот член на Десна, вели дека се согласил да го вози во Белград бидејќи имал неколку слободно денови, а биле и пријатели.

Често и му позајмувал пари, бидејќи Палчо имал кредити и за три години сумата достигнала 20.000 евра.

Тој имаше доверба во мене и јас во него, објасни адвокатот.

Кога тргнале за Белград, Палчо му рекол дека сака да си види за здравјето во Србија, а можно е да оди и на „нож“ во Турција. Но, тој не споменал конкретен доктор или болница каде ќе оди.

По пат разговарале за кривичните пријави што Десна ги поднела за функционери на претходната власт за Чебрен и Галишта.

Велешко возило постојано се лепи зад комбето мое. Ова личи на бате Саше, се пожаил Палчо на пријателот.

По вечерата отишле во хотелот „Таш“, го сместил и Васко тргнал назад за Скопје. Следниот ден, му се јавил и му кажал дека оди во Турција и оти нема да присуствува на Централниот комитет на партијата.

Кога му јавиле дека возилото „рено кангу“ се проверува од полицијата за некаков крвен деликт, за што разбрал од сопствениците на автомобилот, во текот на ноќта му јавиле дека се прави претрес во партијата и оти треба да дојде.

Отишол во седиштето и на полицијата веднаш им станала сомнителна регистарската ознака на возилото и го прашале кога последен го видел Палевски.

Кажав дека го возев во Белград и ми побараа да му се јавам на телефон. Следниот ден ми се јави и му кажав дека има апсења во партијата, објасни адвокатот.

Во текот на распитот во полициска станица случајно се јавил Палевски. Полицајците побарале да го праша каде се наоѓа и тој рекол во Турција. Инспекторите сето ова го слушале.

Инспекторите од Стојков побарале да го праша Палевски каде бил на 27 ноември и тој давал конфузни одговори.

Не се сеќавам, што ден беше, можно е да сум бил во Дебар Маало, му рекол Палевски на Стојков.

Кога повторно се слушнале со Палевски за време на распитот во полиција, адвокатот веќе говорел по насоките на инспекторите.

Ти си веќе осуден овде, мораш да дојдеш да дадеш изјава. Тој рече „Знаев дека ќе наместат“, објасни адвокатот.

Инспекторите на Стојков му дале фотографија од една жена и го прашале дали ја познава. Тој рекол дека не ја познава, а на фотографијата била Зорица Ѓорчевска.

Ме прашаа дали Палевски имал љубовница. Јас реков не знам. Во тој контект ми ја покажаа фотографијата, се присети адвокатот.

Слични објави