Со образложение дека „сака мир“, Унгарија денеска ја одби иницијативата на ЕУ за испраќање околу милион парчиња артилериска муниција – ракети, гранати и бомби, во следната година.
Тоа нема да ги спречи другите држави од Европската Унија да го сторат тоа, рече унгарскиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто.
Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска одобрија акциски план, чија цел е да се снабдат украинските сили со најмалку еден милион гранати од 155 милиметри и да се надополнат стратешките резерви на земјите од ЕУ, од кои некои се скоро целосно исцрпени. Две милијарди евра ќе бидат повлечени од Европскиот мировен фонд (ЕПФ), вонбуџетски финансиски инструмент на Европската Унија кој ја подобрува способноста на ЕУ да дејствува како глобален обезбедувач на безбедност.