Саем за сезонски работници во туризмот во Охрид, недостиг од соодветен кадар во дејноста

од Вести365.МК | Е.Д.

Во насока на надминување на проблемот со недостиг на соодветен кадар во угостителската дејност во Охрид денеска беше отворен Саемот за сезонско вработување во туризмот, на кој сместувачките и угостителските објекти од Охридско-струшката ривиера пред младите од градот и околината ги презентираат своите понуди за работни места.

Претставниците на таквите правни субјекти посочуваат дека се соочуваат со недостиг од келнери, готвачи, помошници во кујна, рецепционери, технички персонал…Велат дека персонал тешко се наоѓа, а и оние кое се веќе вработени во индустријата се решаваат своите професионални капацитети да ги понудат на подобро платениот регионален пазар.

– Во овие моменти е многу тешко да се најде персонал. Знаеме сите што ни се случува во земјата со иселување на младите. Многу заминуваат во западно-европските земји, во Хрватска, каде работат неколку месеци, а имаат голем прилив на пари и им се вреднува работата. Недостигот од кадар е последица од минатите години, каде имало мали плати, луѓето беа незадоволни, работеа прекувремено неплатени часови. Тоа е најголемиот проблем што ни се случува и сега треба да работиме на тоа како истото да го подобриме, изјави Никола Божиноски, менаџер на хотел во Охрид.

Тој смета дека постои интерес кај младите да заработуваат самостојно, да не се зависни од родителите, да стекнат работни искуства, но оти за тие да најдат професионална сатисфакција, тука е потребна и соодветна грижа кај самите работодавци.

– Мораме да се грижиме за кадрите, ако се млади, неискусни да ги обучуваме во однос на потребите, да правиме реорганизации, обуки, за да останат луѓето тука.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, вели дека состојбата со недостигот на кадар во туристичко-угостителскиот сектор е рефлексија на тоа што се случувало низ годините и односот на самите работодавци кон човечките ресурси, и тоа не само во односната туристичка дејност.

– Отстуството соодветна старатегија низ годините и соодветни развојни планови ги даваат резултатите сега. Но, тоа што можеме сега да го градиме е како за наредните десет години да создадеме стручни кадри кои што во одредени сегменти на економијата ќе овозможат раст. Во туристичката индустрија велиме растот во дестинациите ќе биде успорен во зависност каков квалитет даваме, бидејќи услугата е многу значајна. Во овој момент треба да се изработат одредени студии. Очекувам тоа да го направат коморите, здруженијата коишто ќе понудат дополнителни решенија на Владата за заеднички натаму да се овозможи вистинско третирање на кадрите и соработка помеѓу бизнисот и средните стручни училишта, вели Јаневски.

Тој додаде дека заеднички со туристичката индустрија се повеќе работат во задржување и мотивирање на работната сила, а Агенцијата престојниот период ќе ги посети сите стручни училишта во сегментот на туризмот и гастрономијата, со кои ќе излезат со конкретни предлози во насока на амортизирање и подобрување на состојбата со работната сила.

– Според мене и покрај тоа што можеби во некои економски гранки треба да имаме увоз на работна сила, сепак, исто така, треба да имаме план како низ годините истата работна сила да ја добиеме од домашни ресурси, да создадеме квалитетни менаџери коишто ќе имаат понатаму европски и светски практики во туристичката индустрија, рече Јаневски кој денеска во Охрид имаше средба со тур-операторите од Охридско-струшкиот регион.

Тој појасни дека минатата седмица бил во средното угостителско училиштево Охрид, каде воочил елементи на недостиг на соработка помеѓу субјектите во браншата.

– Неопходна е поголема соработка на бизнис-заедницата со средните стручни училишта се со цел кадрите што ќе излезат веќе во трета и четврта година да почнат со работа и да имаат веќе професионални ангажмани, договори со кои што ќе ја видат иднината тука. Можеби и платата ако гледаме со бројот на изработени часови на друго место и кај нас може да биде слична, сепак е нарушена довербата, која прво треба да биде изградена, а потоа да се увиди дека таа струка треба да се врати на вистинските гранки и дека низ годините луѓето кои работат во туризмот и угостителството може да го креираат својот професионален развој дома, додаде Јаневски.

За надминување на состојбата, рече дека се потребни и соодветни истражувања и анализи, од кои веќе за наредната година би произлегле и одредени решенија.

Слични објави