САД ја чека мигрантско цунами?

Со приближувањето на часот на укинување на мерката, од мексиканската страна од границата се собраа стотици илјади луѓе, концентрирани главно кон Ел Пасо во Тексас. Мигранти од многу латиноамерикански земји со денови кампуваат покрај границата во Хуарез, град со повеќе од 2 милиона жители што е „залепен“ до тројно помалиот Ел Пасо

Тексас и особено пограничниот град Ел Пасо стравуваат од огромен бран мигранти, откако за помалку од 24 часа од Мексико пристигнаа повеќе од 10.000 луѓе, и тоа пред да бидат олеснети строгите мерки за преминување на границата.

Со отчукувањето на полноќ ќе престане да важи контроверзната Мерка 42, воведена во 2020 година како дел од политиката да се скроти пандемијата на ковид-19. Повикувајќи се на оваа мерка, американските власти имаа право по брза постапка да ги протеруваат мигрантите што преминуваат од Мексико во САД, дури и оние што бараат хуманитарен азил.

Десетина илјади луѓе не го дочекале крајот на мерката, создавајќи им проблеми на американските власти дали и кого да вратат на последниот ден. Илјадници дојденци во Ел Пасо ја поминале ноќта по улици или околу главната црква во центарот, но градот кон кој со години гравитираат мигранти стравува од многу посилен бран.

– Вакво нешто не сме виделе. Мора нешто да промениме. Како заедница, не можеме ова вечно да го издржиме – реагираше градоначалникот Оскар Лисер. Неполн ден пред укинувањето на Мерката 42, градоначалникот предупреди дека од мексиканската страна веќе се построени близу 10.000 мигранти, спремни да тргнат кон САД.

Џо Санчез, регионалниот директор за јавна безбедност во Тексас, очекува бранот од мигранти да биде „како стампедо на фудбалски натпревар, само многу, многу поголемо“.

– Замислете си 60.000 луѓе на едно место и некој да извика дека има бомба. Што ќе се случи? Хаос. Такво нешто е многу тешко да се контролира и многу тешко да се управува. Е, токму така е на границата – предупредува Санчез.

Имигрантите, пак, не знаат што точно значи укинувањето на Мерката 42 и дали ќе бидат прифатени или ќе бидат протерани кога ќе пристигнат во САД. За својата иднина се загрижени и илјадниците што некако успеале да ја преминат границата. Администрацијата на претседателот Џо Бајден воведе нови строги правила, од кои највпечатливото е тоа што на нелегалните имигранти ќе им биде забрането пет години да аплицираат за азил. Целта на новите мерки е да се охрабри легалната имиграција преку воведување строги казни и итни депортации за илегалците. Потпишувајќи наредба за испраќање засилување од десетина илјади војници на граничарите, Бајден призна дека „пограничниот регион некое време ќе биде хаотичен, наспроти сите мерки“. Покрај граничната линија од 3.218 километри, од Пацификот до Мексиканскиот Залив, распоредени се и дополнителни 24.000 припадници на разни служби за безбедност, не сметајќи ги илјадниците трупи од Националната гарда.

Мигранти чекаат покрај граничниот ѕид во Баха Калифорнија од мексиканска страна – Фотографија ЕПА, Хевет Тирекез

Во Ел Пасо од октомври до сега легално или нелегално пристигнале 265.000 мигранти, што е за една третина повеќе во споредба со истиот период во претходната година. Во изминатиот период пристигнуваат просечно по 1.700 мигранти на ден, односно по еден на секои 51 секунда. Во средата пристигнале просечно по еден мигрант на секои 9 секунди. Во собирни центри веќе се притворени 27.000 илегални мигранти, со што повеќепати е надминат капацитетот на згрижување. Низ улиците на Ел Пасо се движат уште илјадници што пристигнале илегално или биле отпуштени од притворен центар и чекаат термин за да се појават пред судија. Поради преоптовареност на системот, некои чекаат термин и со години. Една мигрантка изјавила за репортерот на Би-би-си дека ѝ бил закажан термин да се појави на суд во 2025 година во Мајами.

Локалната полиција и федералните трупи испратени на помош спроведуваат операција за да ги упатат на регистрирање сите нелегални дојденци, но тоа не е доволно за да воведат ред во хаосот. Некои луѓе бегаат, плашејќи се од депортација, а други брзаат да се пријават, очекувајќи дека нивните барања за азил ќе бидат одобрени.

Американскиот секретар за домашна безбедност Алехандро Мајоркас вели дека најголемиот проблем го создаваат трговците со мигранти, кои прошириле гласини дека од 11 мај САД целосно ќе го отворат границите.

– Нема така да биде. Тие лажат. Уште еднаш ги повикуваме мигрантите да не им веруваат на шверцерите, кои шират лаги само за да направат профит. Ние утврдивме легален пат за да дојдете во САД – им порача Мајоркас на мигрантите.

Спротивставените информации уште повеќе ги збунуваат мигрантите, кои се решени да дојдат во САД, но не знаат како да го направат тоа.

– Слушнав дека со Мерката 42 ќе ме вратат во Мексико, но ќе се обидувам сѐ додека не влезам. Сега слушам дека го враќаат секој во земјата од која тргнал. Ако ме вратат во Венцуела, кој знае што ќе биде, можеби ќе ме затворат или ќе ме мачат. Затоа сум тука – изјавил за Би-би-си Даниел, мигрант што илегално се пробил во Ел Пасо.

Силен е и притисокот врз мексиканските граничари. На преминот од Рејноса кон Фар мексикански војници пукале во група вооружени шверцери, при што биле убиени три лица.

Слични објави