РСБСП: Со почитување на правилата преку сопствениот пример сите да придонесеме за безбеден сообраќај

Секој учесник во сообраќајот со своите сфаќања, со движењето и начинот на однесување во сообраќајот директно влијае врз одвивањето и безбедноста на сообраќајот на патиштата. Притоа, се мисли не само на поседување на вештини за управување со возило, или на познавање на законските правила и прописи, туку и на нивното безусловно почитување и примена. Ваквото позитивно перцепирање на односите во сообраќајот е основната нишка на сообраќајната култура која треба да ја поседува секој учесник во сообраќајот без оглед дали станува збор за пешак, возач на моторно возило, патник, велосипедист, мотоциклист, потенцираат од Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), денеска на 11 Мај, Денот на културата во сообраќајот“.

Сообраќајната култура е дел од личноста на човекот и претставува одраз на неговиот карактер и како човек и како учесник во сообраќајот, а се воспоставува уште од најраната возраст, велат од РСБСП.

„Затоа треба да се обрне посебно внимание на реализацијата на активности наменети за најмладите со цел нивно запознавање со сообраќајот, сообраќајните правила и прописи, како и со одговорното и совесно однесување во сообраќајот, со што ќе се овозможи тие да бидат безбедни и примерни учесници во сообраќајот на патиштата. Во таа насока е потребна и континуирана соработка со воспитно-образовните институции во реализацијата на бројни кампањи и активности за издигнување на сообраќајната култура на повисоко ниво со што се создаваат услови за изградба на систем на општествени вредности во кој безбедноста во сообраќајот, културата и етиката во сообраќајот ќе заземат соодветно и значајно место“, велат од РСБСП.

Затоа, на Денот на културата во сообраќајот, РСБСП упатува апел „да го почитуваме секој учесник во сообраќајот, да бидеме внимателни, одговорни и толерантни, и преку сопствениот пример да придонесеме за развивање на културата и безбедноста во сообраќајот“.

Слични објави