Реформи во сообраќајот во ЕУ: Ако ви ја одземат дозволата во една земја членка, нема да возите никаде во Унијата

од Вести365.МК Ј.Р.

Дигитални сообраќајни дозволи, построги мерки за прекршителите и намалување на старосната граница за професионални возачи се дел од новите пакет правила што ќе се применуваат во целата Европска Унија, изгласани од Европскиот парламент. Целосна примена на реформите се очекува постепено, а клучните промени ќе стапат на сила од 2028 до 2030 година, пренесува Индекс.

Една од најважните новини е тоа што забраната за управување со возило изречена во една земја членка ќе важи на територијата на целата Европска Унија. Со тоа се сака да се стави крај на практиката возачи на кои им е одземена дозволата во една земја да продолжуваат да возат во други држави.

Од друга страна, паричните казни што не вклучуваат забрана за возење и понатаму ќе останат во надлежност на државата во која е направен прекршокот, а се откажува и од воведување единствен европски систем на казнени поени.

Новите мерки се донесени поради загрижувачката статистика според која на патиштата во Европската Унија секоја година животот го губат околу 20.000 луѓе. Италијанскиот европратеник Матео Ричи оцени дека тоа е „далеку премногу“, нагласувајќи ја потребата од усогласени безбедносни стандарди.

Дигитална возачка дозвола на мобилен телефон

Голем исчекор претставува воведувањето дигитална возачка дозвола, која ќе биде достапна на паметен телефон. Таа ќе функционира слично како дигиталните банкарски картички или личните карти, со што процесот на проверка значително ќе се поедностави.

Европратеничката Јута Паулус истакна дека станува збор за особено корисна новина за помладите генерации. Иако целосната примена на дигиталната верзија се очекува од 2030 година, возачите и понатаму по барање ќе можат да добијат класична возачка дозвола во форма на картичка.

Промени за возачите на кампери и за професионалците

Со новите правила се воведуваат и олеснувања за љубителите на патувања со кампери. Возачите со положена Б категорија ќе можат да управуваат со возила со маса до 4,25 тони, што е значително зголемување во однос на досегашните ограничувања. За тоа, сепак, ќе биде потребно дополнително оспособување или полагање посебен испит.

Со цел да се ублажи недостигот на работна сила во транспортниот сектор, Европската Унија ја намалува возрасната граница за професионалните возачи. Возачи на камиони ќе можат да станат лица со наполнети 18 години наместо досегашните 21, додека за возачите на автобуси границата ќе се намали од 24 на 21 година. Се очекува оваа мерка да го поттикне вработувањето во логистиката и сродните дејности.

Построги правила за новите возачи

Сите нови возачи ќе мора да поминат задолжителен пробен период во траење од најмалку две години. Се воведува и можност за возење со придружба за 17-годишници во сите земји членки, со што се сака да се обезбеди стекнување искуство во побезбедни услови. Пред самото полагање на возачкиот испит ќе биде задолжителен лекарски преглед или пополнување образец за самопроценка на здравствената состојба.

Слични објави