Ревизија во Пошта: Од 2017 работи во загуби, ненавремени пратки, утврдени сериозни неправилности

од Вести365.МК | М.Т.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Акционерското друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија‘‘ во државна сопственост – Скопје, за 2023 година. Согласно ревизорскиот извештај друштвото се наоѓа во неповолна финансиска положба почнувајќи од 2017 година, при што во континуитет остварува загуби од работењето, а најголема загуба во износ од 229.883 илјади денари или 3.726.000 евра е искажана во 2022 година.

Друштвото се соочува со голема задолженост по основ на заеми, кредити и пресметани камати, кои не се сервисираат навремено, што дополнително ја влошува финансиска состојба и ја нарушуваа ликвидноста. Вкупните обврски за краткорочни кредити и заеми на крајот на 2023 година изнесуваат 219.650 илјади денари, а се однесуваат на земен краткорочен заем од МЕПСО – АД за пренос на електрична енергија во износ од 100.000 илјади денари и два краткорочни кредити од деловни банки во вкупен износ од 119.650 илјади денари. За доспеаните, а неисплатени кредити во 2024 година, пресметана е договорна казнена камата од 24,45% или 6,7 милиони денари, односно 109.000 евра.

Во текот на 2023 година бил вратен краткорочен кредит во износ од 40.000 илјади денари кој бил одобрен во 2022 година, а одобрен е друг кредит од деловна банка на износ од 32.500 илјади денари кој доспева за враќање на крајот на 2024 година. Сите земени кредити се со висока каматна стапка која се движи во интервал од 4,8% до 6,25%.

Ревизорите направиле анализа на квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга и утврдиле ненавремена достава на пратки. Во 2023 година, 59,7% од пратките биле доставени во првиот ден, додека 30,5% биле доставени во период подолг од три дена. Овие резултати укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75% и максималниот стандард од 88% за успешно и навремено доставени пратки.

Во 2023 година, Агенцијата за пошти спровела истражување за задоволството на корисниците на поштенските услуги, со цел да се процени брзината и квалитетот на доставата, а резултатите се прикажани на следната слика:

Со Годишниот план за јавни набавки во 2023 година друштвото планирано да набави машина за сортирање на поштенски пратки со проценета вредност од 30.000 илјади денари со која би се овозможило побрзо и флексибилно сортирање на поштата, подобрувајќи го целокупниот процес на услугата од почеток до крај, но истата не е спроведена.

Утврдени се сериозни неправилности во работењето на АД Пошта на Северна Македонија. Недостасуваат точни и усогласени евиденции за земјиштето и градежните објекти, што влијае на квалитетот на податоците во трговските книги. Дел од објектите, како и два одморалишта во Охрид вредни 6,4 милиони денари, се во лоша состојба и потребна им е санација, а за еден е утврдено бесправно користење.

Исто така и процесот за поделба на имотот меѓу АД Пошта и Македонски Телеком, започнат во 1996 година, не е завршен, а од 2017 година е запрен и до денот на ревизијата не се дадени насоки за понатамошно постапување со заедничкиот имот на двете друштва.

Законот за поштенските услуги пропишува давателите на поштенските услуги да плаќаат годишен надоместок на Агенцијата за пошти. За 2023 година, АД Пошта на Северна Македонија требало да плати 23.461 илјади денари, но поради финансиски тешкотии, друштвото ненавремено ги подмирило овие обврски, што резултирало со каматни трошоци од 1.990 илјади денари. Сите обврски биле подмирени во април 2024 година.

Давателите на поштенски услуги, надоместокот го уплаќаат на посебна сметка -Компензациски фонд за финансирање на универзална услуга со која управува Агенцијата за пошти. Во случај кога трошоците се повисоки од приходот остварен од обезбедувањето на универзалната услуга во претходната година, АД Пошта на Северна Македонија има право на надоместок од Компензацискиот фонд, но за да го оствари ова право мора да води посебно сметководство за универзалната услуга, за резервираните услуги, како и за другите поштенски услуги што ги обезбедува. Ревизорите утврдија дека вакво сметководство не е воспоставено поради што до сега не е поднесено барање до Агенцијата за остварување на правото за надоместок на нето трошоците.

Во делот на јавните набавки ревизорите утврдија дека АД Пошта на Северна Македонија без спроведена постапка за јавна набавка има преземено обврски за набавка на стоки и услуги, во вкупен износ од 3,7 милиони денари или приближно 60 илјади евра, што претставува надминување за 36 илјади евра или приближно 2,2 милиони денари над утврдениот вредносен праг од 24 илјади евра во денарска противвредност.

Слични објави