Рама за ДВ: Оставката не е опција

од Вести365.МК Ј.Р.

Албанскиот премиер Еди Рама порача дека нема намера да поднесе оставка и покрај протестите против проектот за луксузен ресорт на југот на земјата кои влегоа во вториот месец, оценувајќи дека неговата влада има јасен мандат од граѓаните да го доврши процесот на пристапување на Албанија во Европската Унија.

Во интервју за ДВ, Рама ги отфрли оценките дека неговите неодамнешни изјави за можноста да размислувал за оставка се во спротивност со неговиот сегашен став.

— Тоа не се две спротивставени позиции — рече Рама, објаснувајќи дека во рамки на парламентарната група ги споделил своите лични размислувања, но дека оставката „не била, не е и нема да биде опција“.

Според него, причината е едноставна: тој и Социјалистичката партија добиле мандат од 868.000 граѓани за да ја исполнат, како што ја нарече, „историската мисија“ – завршување на преговорите за членство на Албанија во Европската Унија.

— Тоа е историска мисија која не може да се напушти на половина пат поради никаква причина. Уште помалку зашто дел од граѓаните избрале да протестираат — изјави Рама.

Истовремено, албанскиот премиер оцени дека протестите се показател за демократската зрелост на земјата и нагласи дека владата има обврска да ги слуша пораките што ги испраќаат демонстрантите.

— Луѓе од сите сфери на животот излегуваат на улица поради свои причини. Наша должност е да ги слушаме и внимателно да ја разбереме секоја порака што ни ја испраќаат — рече тој.

На прашањето дали и самиот би протестирал доколку не беше премиер, особено поради проблеми како здравството, иселувањето на младите и функционирањето на администрацијата, Рама одговори дека тоа би зависело од тоа врз кои информации се темели судот за состојбите во земјата.

— Ако се водев од сите видови манипулации, лаги и нивно засилување, сигурно и јас ќе бев таму. Но фактите и вистинските информации кажуваат поинаква приказна — изјави тој.

Рама призна дека во здравството, образованието и други области постојат сериозни предизвици, но нагласи дека тие не се појавиле со почетокот на протестите и дека владата веќе работи на нивно решавање.

Според него, незадоволството од одредени политики не може автоматски да биде причина за барање оставка на владата.

— Не може еден убав ден некој да стане и да каже: „Сакам подобро здравство и затоа оваа влада мора да си замине“. Така не функционира демократијата. Треба да се почекаат следните избори — порача албанскиот премиер.

Извор: DW / Елона Елези

Слични објави