Развиена вештачка интелигенција која наоѓа органи за трансплантација попрецизно од луѓето

од Вести365.МК Ј.Р.

Британските истражувачи  развиваат новата технологија во која вештачката интелигенција може да избере соодветни органи за трансплантација со многу поголема точност од луѓето.

Експертите обезбедија повеќе од 1 милион фунти од британскиот Национален институт за здравствени истражувања (НИХР) за проект кој користи вештачка интелигенција за да го зголеми бројот на органи достапни за трансплантација.

Имено, хирурзите во моментов треба да испитуваат и визуелно да проценат дали човечките органи се доволно квалитетни за трансплантација. Новиот метод користи вештачка интелигенција и нејзината меморија од десетици илјади слики на органи за да ги издвои оние со најголеми шанси за успешна трансплантација.

Групата зад технологијата, позната како OrQA, Organ Quality Assessment, објави дека тоа може да значи дека 200 дополнителни пациенти во Британија ќе можат да добиваат нови бубрези и уште 100 нови црни дробови секоја година.

„Штом органот стане достапен, тој визуелно се проценува од хируршкиот тим, што значи дека органите не секогаш се сметаат за погодни за трансплантација. Во моментов развиваме софистициран алгоритам за машинско учење кој ќе биде обучен со помош на илјадници слики на човечки органи. На овој начин, проценката на изолираните слики на органи за трансплантација ќе стане поефикасна отколку кога би се правела визуелно.“, рече професорот Хасан Угаил, директор на Центарот за визуелни компјутери на Универзитетот Бредфорд.

„Ова на крајот ќе значи дека хирургот ќе може да создаде слика на дониран орган, да го вчита во OrQA и веднаш да открие како најдобро да го искористи“, додаде Угаил.

Клучен дел од OrQA ќе биде потрага по оштетувања и претходни болести. Колин Вилсон, хирург за трансплантација во болницата Њукасл, рече дека до сега хирурзите немале помош при изборот на органи.

„Ова е навистина важен чекор за професионалците и пациентите, чија цел е да се осигура дека пациентот ќе добие трансплантација на орган што е можно поскоро. Софтверот што го развивме го оценува квалитетот на органот и има за цел да им помогне на хирурзите да проценат дали органот е доволно здрав за трансплантација“, заклучил Вилсон.

Слични објави