Приказната за Торгатен, норвешката планина со дупка

од Вести365.МК Ј.Р.

Обликувано од природа, но проткаено со легенда, ова природно чудо високо 258 метри служи како ориентација за бродовите и нуди панорамски поглед за љубителите на планинарењето.

Од морето, дупката изгледа мала, но во реалноста таа има должина од импресивни 160 метри, 35 метри височина како и 20 метри ширина.

Торгатен главно била формирана од ерозија на глечерите за време на последното ледено доба, пред околу 10.000 години. Составена од издржлив гранит, планината подобро ѝ се спротивставила на ерозијата отколку нејзината околина.

Меѓутоа, како што глечерите напредувале, тие ги искористиле природните слабости во карпата, како што се пукнатините, постепено формирајќи ја препознатлива дупка во вид на тунел во планината.

Обвиткана со митологија

Таквата впечатлива природна појава како што е Торгатен, очекувано, со генерации била тема на народните приказни.

Најчестата приказна го објаснува и потеклото на блискиот планински венец „Седум сестри“, уште една впечатлива знаменитост долж брегот на Хелгеланд.

Во оваа приказна за троловите се зборува за Хестманен, џиновски коњаник и неговата невозвратена љубов кон девојката Лекамоја. Според легендата, моќниот џин се вљубил во Лекамоја и ја бркал преку брегот на Хелгеланд.

Кога изгреало сонцето, Хестманен сфатил дека нема навреме да стаса до Лекамоја и во лутина „истрелал“ стрела кон неа. Тука се вмешал тролскиот крал од Сомна, фрлајќи шапка на патеката на стрелата со цел да ја заштити Лекамоја.

Стрелата ја пробила шапката. Кога сонцето претворило сè во камен, шапката станала Торгатен со својата препознатлива дупка. Лекамоја и нејзините сестри исто така биле претворени во камен, формирајќи ги познатите планини на „Седум сестри“ долж брегот.

Оваа митска приказна за потеклото на дупката помогна Торгатен да стане омилена природна знаменитост и извор на фасцинација и за локалното население и за посетителите на Норвешка. Иако вистинското формирање на дупката е резултат на ерозија за време на леденото доба, легендата од друга страна додава слој на мистерија.

Планинарење до Трогатен

Од океанот, импозантното присуство на планината Торгатен изгледа речиси неверојатно, притоа се чини невозможно да се стаса до пештерата, а камоли да се отиде на планинарење.

Но, за оние кои ќе се осмелат да стасаат до брегот, добро обележаната патека на источната страна ги води до познатата дупка. Главно посетителите се качуваат по скалите, кои се направени од камен. Планинарењето тука погодно е за повеќето луѓе и трае околу 20-30 минути во еден правец, во зависност од темпото.

Кога ќе стасаат до врвот, посетителите ќе имаат спектакуларен поглед низ природниот прозорец формиран од дупката, како и поглед кон брегот на Хелгеланд. Стоењето внатре во дупката овозможува незаборавно искуство, бидејќи низ древната геолошка формација може да види Норвешкото Море.

На југозападниот ѕид од влезот се наоѓа потписот на кралот Оскар II, додека потписите на кралот Олаф V и кралот Харалд V се наоѓаат на левата страна од северниот влез.

На посетителите им се препорачува да носат цврсти чевли бидејќи патеката е карпеста. Исто така, се препорачува внимателност при прошетката внатре во пештерата, особено по дожд, бидејќи камењата можат да бидат лизгави.

Темната страна на Торгатен

Иако Торгатен е позната природна знаменитост, тоа е и местото на трагична несреќа. На 6 мај 1988 година, авионот „Вајдро флајт 710“ во текот на редовен регионален лет удрил во страничниот дел на планината додека се обидувал да слета на аеродромот Бронојсанд при густа магла.

За жал, сите 36 лица во авионот загинаа. Оваа несреќа останува една од најсмртоносните авионски несреќи во норвешката историја и остави тажна трага во историјата на Торгатен.

Истрагата откри дека лошата видливост и грешките во навигацијата биле клучни фактори за несреќата. На местото на несреќата сега се наоѓа споменик, претставувајќи место на сеќавање на оние кои ги загубија животите.

Слични објави