Премиер лига: Варди спасител на Лестер, победи за Астон Вила и Волвс!

Лестер оваа сезона се бори за опстанок во Премиер лигата, а вечерва имаше важен меч со еден од ривалите во борбата за опстанок. Џејмс Варди, иако е далеку од формата од шампионските денови на Лестер, како искусен напаѓач го дава најдоброто за својот тим, дури и кога добива шанса како резерва. Во мечот против Лидс Јунајтед, Варди погоди во 80-тата минута и го спаси тимот од пораз. Ова е само втор гол за Варди оваа сезона, но тој е многу важен и доаѓа во момент кога на тимот му е најважно да освои бодови за спас во елитата.

Лестер во моментов е на 17-то место во Премиер лигата со 29 освоени бода, додека Лидс има бод повеќе и е 16-ти.

Во другите денешни натпревари, Астон Вила го победи Фулам со 1-0 на домашен терен, каде Фулам беше непрепознатлив во нападот без Александар Митровиќ кој беше суспендиран. Голот за победа на Астон Вила беше постигнат од Мингс во 21. минута.

Вулверхемптон беше подобар од Кристал Палас на домашен терен на „Молино“, каде победи со 2-0. Уште во третата минута, Андерсен постигна автогол за предност на домашните, а Рубен Невес ја потврди победата со гол во самиот финиш од белата точка.

Слични објави