По ланската криза со водата во Скопје, се истражуваат три локации како алтернатива на изворот Рашче

од Вести365.МК Ј.Р.

Се ближи летото, па граѓаните се надеваат дека Скопје нема одново да се соочи со голготата со снабдување со вода која ја доживеа минатото лето, кога голем број населби, особено во повисоките делови на градот со недели, во најтоплите денови, останаа без вода за пиење и за техничка употреба.

Надлежните алармираа дека изворот Рашче и бунарите во Лепенец и Нерези максимално се црпат, а дека повторно нема вода, а „Водовод и канализација“ проблемот го „решаваше“ со постојани апели до населението рационално да ја користат водата и да не ги наводнуваат дворовите и градините со вода за пиење. Но, како и за сѐ друго, така и за водата не помагаат апели во услови кога со години не се презема ништо за да се откријат нови извори што би биле алтернатива за Рашче, во услови доколку со изворот се случи нешто непредвидено.

Стручни луѓе од јавното претпријатие укажуваа дека на изворот Рашче толку му е капацитетот, дека не може да работи повеќе од тоа што го дава и дека од технички аспект тоа максимално исцрпување на изворот и на бунарите може да доведе до колабирање на бунарите, односно до нивно уривање. Покрај тоа, предупредуваа дека доколку Рашче подолг период се празни максимално, може да се случи нешто па градот да остане без пивка вода.

Слични објави