По големиот „блекаут“ Шпанија и Португалија полека се враќаат во нормала

од Вести365.МК Ј.Р.

Снабдувањето со електрична енергија во Шпанија денес наутро е вратено речиси во нормала, односно 99,95%, информираше главниот шпански дистрибутер на струја, а се работи на воспоставување на сто проценти. Од утринава е вратено во функција и мадридското метро, иако не целосно, односно околу 80% од линиите се во функција.

Снабдувањето со електрична енергија почна да се враќа во делови од Иберискиот Полуостров доцна синоќа, откако голем прекин ги запре поголемиот дел од Шпанија и Португалија, приземјувајќи ги авионите, запирајќи го јавниот превоз и принудувајќи ги болниците да ги прекинат рутинските операции.

Шпанското Министерство за внатрешни работи прогласи национална вонредна состојба, распоредувајќи 30.000 полицајци низ целата земја за да го одржат редот, додека владите на двете земји свикаа итни состаноци на кабинетот. Прекините од таков обем се исклучително ретки во Европа.

Во текот на вечерта, на многу железнички линии и метро линии во поголемите градови на Шпанија имало евакуација на патници, додека илјадници останаа да преноќат на железничките и на метро-станиците бидејќи немаа начин како да се вратат во своите домови.

Голем број железнички линии се откажани до понатамошно известување, главно влијаејќи на приградските возови во места како Билбао, Кадиз, Севиља, Сарагоса, Виго и Сан Себастијан.

Приградските линии во Мадрид и Валенсија се враќаат во нормала, но со „намалени услуги“.

Што се однесува до летовите, има помалку од 500 откажувања низ Шпанија и Португалија.

Слични објави