Почна слободното вработување во земјите на Отворен Балкан, но кои се условите

од Вести365.МК | М.Т.

Од денеска функционира единствениот пазар на труд на Отворен Балкан, чии членки се С. Македонија, Србија и Албанија, што значи дека сите граѓани ќе можат да се вработат во која било од земјите на иницијативата по наједноставна процедура.

Предностите од слободното движење на работниците во регионот, без никакви административни бариери, се повеќекратни, почнувајќи од можноста за вршење сезонски работни места, преку намалувањето на дефицитарните занимања и зајакнувањето на довербата на инвеститорите до растот на клучните сектори во економијата.

Слободниот пристап до пазарот на трудот од околу 11 милиони жители се очекува да го спречи понатамошниот одлив на мозоци и младите од регионот преку нудење можности за вработување, но и да одговори на зголемените барања за квалитетен персонал, како на локалните, така и на меѓународни компании кои работат во регионот.

Граѓаните на Македонија, Србија и Албанија кои сакаат да се вработат во некоја од членките на Отворен Балкан или веќе нашле работодавач, потребно е да поседуваат ИД број, за кој ќе можат да се регистрираат електронски во неколку чекори.

Ова значи дека треба да пополнат формулар на платформата (eУправа) и да приложат валиден биометриски документ. Врз основа на доставените податоци, надлежните органи преку платфотмата еУправа генерираат единствен идентификациски број на Отворен Балкан (IDOB).

После тоа, заинтересираната страна може да пристапи до порталот за еУправа на одредена земја и да поднесе барање за слободен пристап до пазарот на трудот. Одредената земја по проверка ја донесува конечната одлука. По добивањето на одобрението, заинтересираното лице може да се вработи, под исти услови како локален граѓанин на државата, до две години, а по истекот на овој периодот може да се продолжи престојот т.е. рокот на работната дозвола.

Слични објави