Светски познатиот писател Милан Кундера почина на 95-годишна возраст, јави денеска чешката национална телевизија.
Негови најпознати дела се романите „Неподносливата леснотија на постоењето“, „Шега“, „Книгата на смеата и заборавот“, „Уметноста на романот“, „Бесмртност“.
Кундера беше француски писател роден во Брно, Чешка во 1929 година. Заминал во егзил во Франција во 1975 година, а државјанство добил во 1981 година. Чешкото државјанство му беше одземено во 1979 година и вратено 40 години подоцна.
Кундера се гледаше себеси како француски писател и инсистираше дека неговото дело треба да се изучува како француска литература и да се класифицира како такво во книжарниците.
Пред „Кадифената револуција“ во 1989 година, комунистичкиот режим во Чехословачка ги забрани неговите книги. Водел повлечен живот и ретко зборувал со медиумите.
Кундера беше номиниран за Нобелова награда за литература, а добитник е на Ерусалимската награда во 1985 година, во 1987 година ја доби Австриската државна награда за европска литература и наградата „Хердер“ во 2000 година. Во 2021 година го доби „Златниот орден за заслуги“ од претседателот на Словенија.
Кундера беше добитник и на меѓународната книжевна награда „Табернакул“, која ја доделуваше истоимената издавачка куќа од Скопје. Тој и српскиот поет и писател Љубивоје Ршумовиќ беа први добитници на наградата „Табернакул“ во 2013 годдина. Кундера не дојде во Скопје, туку македонскиот писател Венко Андоновски му ја врачи во Париз.