Потпишан Договорот за 70 милиони евра грант од ЕУ за пречистителната станица во Скопје

од Вести365.МК | Е.Д.

Третирана вода со врвен квалитет, според европските стандарди и заштеда од протекување до 70 отсто, ќе овозможи пречистителната станица во Скопје што ќе се гради со грант од ЕУ, вреден 70 милиони евра.

Договорот за грантот денеска го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими, заменик претседателката на Европската инвестициска банка одговорна за Западен Балкан, Лилјана Павлова и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, во присуство на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир.

Како што беше кажано, проектот ќе овозможи подобри услови за живот за околу 540 000 луѓе и е најголемиот досега кај нас во секторот животна средина. Имплементатори се Градот Скопје и ЈП „Водовоод и канализација“.

По денешното заокружување на финансиската рамка, останува уште да се завршат процесот на експропријација и урбанистичко-ппланската документација со Градот Скопје и Општина Гази Баба, како и да се потпишат договорите за градба и надзор од страна на ЈП „Водовод и канализација“.

– Овој проект е над сите политички интереси во земјава и императив ако сакаме да бидеме дел од европското семејство, но и уште една потврда за конкретната поддршка што и ја дава ЕУ на земјава, беше истакнато пред потпишувањето на Договорот.

-Токму денес, на Светскиот ден на водата, се обврзуваме да бидеме дел од промената која подразбира одговорен однос и заштита на водите. Конечно скопјани ќе ја добијат пречистителната станица која е од витално еколошко значење. Ова е потврда дека европската интеграција е најдобрата формула за натамошниот развој на земјата, а дека членството во ЕУ не значи само исполнување на критериумите и усогласување со законодатството, туку и конкретна помош за државата и конкретни придобивки за граѓаните. Ги носиме европските стандарди на живеење кај нас. Во чекор сме кон целта на зелената агенда на Западен Балкан, потенцира вицепремиерот Маричиќ.

Како што рече министерот Бесими, грантот доаѓа во време кога финансиските пазари се значително скапи.

-За овие средства ниту треба да се задолжиме, ниту да платиме камата, а не треба ни да ги вратиме. Ова се пари за нашите граѓани, за 500 000 жители во градот Скопје. Ова е уште една потврда дека нашата европска иднина и членството во ЕУ не се само формален или политички процес, туку значат вистинско подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните и се јасен сигнал за поддршката што ни ја дава ЕУ, подвлече Бесими.

Министерката Шукова рече дека со изградбата на пречистителната станица, ќе се овозможи примарен и секундарен третман на отпадните води во Скопје со што ќе се исполнат минималните барања од Директивата на ЕУ за третман на урбани отапдни води.

-Договорот е во духот на мотото на Светскиот ден на водите – „Да се забрза промената“, а Владата работи токму во таа насока. Пречистетлната страница е предизвикувачки процес кој бара голема координација на сите засегнати страни. Но, сите заедно сме подготвени да го прифатиме предизвикот. Целта на проектот е да даде значаен и мерлив придонес за подобрување на скопската урбана средина и за подобрување на третманот на отпадните води, прочистување и елиминација на милта, а со тоа и подобрување на квалитетот на живот и водните тела, рече Шукова.

И евроамбасадорот Гир потврди дека грантот е уште една практичен пример за поддршката од ЕУ за Северна Македонија.

-Откако ќе биде пуштена во функција, пречистителната станица ќе може безбедно да ја третира и прочистува водата за 540 000 жители. Третираната вода ќе има врвен квалитет, согласно европските стандарди. Ќе се намали и протекувањето, па 70 проценти од искористената вода ќе може да се употреби што е од суштинско значење во период на климатски промени и зголемување на урбаното население. Тоа ќе помогне и водата од реката Вардар која тече од Скопје кон Егејско Море да биде помалку загадена, посочи Гир.

Заменик претседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Лилјана Павлова потсети дека овој проект досега доби голема техничка помош и поддршка, а во претстојните денови треба да се потпишат договорите за изградба и надзор од Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“.

-Мора да ги чуваме водените природни ресурси и внимателно да ги користиме. Овој проект е од витална важност за скопјани, но и за Северна Македонија воопшто. Се работи за најголем инвестициски грант за Северна Македонија во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан, рече Павлова.

Осврнувајќи се на статистиките, таа укажа дека до 2025 година,800 милиони луѓе во светот ќе се соочат со недостиг на вода.

-Тука има богатство на вода и треба добро да ја чуваме, но и да се осигураме дека нејзиниот квалитет за пиење е на најдобро можно ниво, подвлече Павлова.

Слични објави