Повеќе од 128.000 верници му оддадоа почит на папата Франциск

од Вести365.МК Ј.Р.

Прес-службата на Ватикан соопшти дека до утринава повеќе од 128.000 верници му оддадоа почит на починатиот понтиф. Базиликата Свети Петар ќе остане отворена до 19 часот вечерва.

Поклонението пред посмртните останки на папата Франциск продолжи во текот на ноќта, а базиликата Свети Петар беше затворена само од 4 до 5:45 часот наутро за да може да се исчисти.

Пристапот до храмот ќе биде дозволен до 19 часот. Еден час подоцна ќе се одржи церемонијата за затворање на дрвениот ковчег.

Во меѓувреме, во Ватикан продолжуваат средбите на кардиналите на кои, како што се нагласува, се разговара за прашања кои се однесуваат на црковната и глобалната реалност. Станува збор за „ферменти“ и контакти кои се директно поврзани со конклавата која се очекува да започне од 5 мај па натаму.

Почнувајќи од денеска напладне, меѓународните лидери кои утре ќе присуствуваат на погребот на починатиот понтиф ќе почнат да пристигнуваат во Рим.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека „би сакал да ги види сите лидери кои доаѓаат во главниот град на Италија“. Утрово, сепак, Белата куќа го објави неговиот официјален распоред, во кој не се споменува никаква официјална, билатерална средба.

Фото: Getty Images

Слични објави