Победа на демонстрантите во Грузија, повлечен предлог законот за “Странски агенти”

од Вести365.МК | М.Т.

По две ноќи на насилни протести, кои произлегоа по критиките дека нацрт-законот за “странски агенти” е инспириран од рускиот закон и претставува авторитарна промена, владејачката партија во Грузија го отфрли законот. Тие објавија дека безусловно ќе го повлечат нацрт-законот за да се намали “конфронтацијата” во општеството. Според нацрт-законот, грузиски организации кои добиваат повеќе од 20 проценти од странските фондови, ќе треба да се регистрираат како “странски агенти” или да платат парични казни. Иако нацрт-законот беше првично одобрен од парламентот, десетици илјади демонстранти два дена протестираа пред парламентот и полицијата мораше да го употреби солзавец и шок бомби за да ги растера. Демонстрантите фрлаа молотови коктели и камења кон полицијата, а неколку учесници ги отстранија металните барикади пред грузискиот парламент. Според министерството за внатрешни работи имаше повредени на двете страни и протестите биле “крајно насилни”, а десетина демонстранти биле приведени. Иницијаторите на законот тврдат дека тоа е мека верзија на американскиот закон, додека опозицијата тврди дека предлогот на законот нема никаква врска со американскиот закон и дека тоа е аналоген закон кој е донесен во Русија.

Слични објави