Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати честитки за изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори и победата на нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори, додавајќи дека се радува на идната заедничка соработка.
Им честитаме на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Гордана Силјановски-Давкова за заслужената и историска победа на денешните претседателски и парламентарни избори во Македонија. Со нетрпение очекувам да работиме заедно за да дадеме нов поттик на процесот на пристапување на Македонија до ЕУ!“, напиша Орбан на социјалната мрежа Х.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на социјалната мрежа „Х“ им ја честиташе победата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и новоизбраниот шеф на државата Гордана Силјановска Давкова.
Честитки до Христијан Мицкоски на убедливата изборна победа за ВМРО-ДПМНЕ. Се радувам за продолжението на одличната соработка меѓу Хрватска и Македонија, чиј европски пат силно го поддржуваме. И честитам и на новоизбраната претседателка на Македонија, Гордана Силјановска Давкова, објави Пленковиќ на Х.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и ја честиташе победата на Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори во Македонија.
Тој во пораката објавена на платформата Х, вели дека е убеден оти двете земји ќе продолжат да работат заедно на зајакнување на врските со цел напредок и благосостојба, како и на просперитетот на целиот регион.
И честитам на Гордана Силјановска Давкова за изборот за претседател на Македонија и ѝ посакувам успешно да ја извршува одговорната должност што ја презема. Убеден сум дека ќе продолжиме да работиме заедно за зајакнување на врските меѓу Србија и Македонија за таа цел на напредокот и благосостојбата на нашиот народ, како и на просперитетот на целиот регион, пишива Вучиќ.