Петровска обвини за „тиранија“ на комисиската расправа за директорот на АНБ

од Вести365.МК | М.Т.

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска денеска на прес-конференција во Собранието истакна дека ВМРО-ДПМНЕ потврдила како Бојан Христовски е незаконски именуван за директор на АНБ. Според неа, ова произлегува од денешната седница на Комисијата за надзор на работата на АНБ и АР.

-Бегаат од соочување со јавноста по ова прашање. Злоупотребувајќи го мнозинството, тие денес спречија одржување на седница и расправа по прашања чии одговори ги чека целата јавност. Тиранија на мнозинството и целосно отсуство на демократски процес за владеење на правото. Казна е вакво парламентарно мнозинство да спроведува реформи во безбедносната служба, истакна Петровска.

Пратеничката смета дека е несфатливо во Комисија која треба да врши надзор, мнозинството да го има владиното мнозинство. Во координација со останатите партиски колеги од СДСМ, Петровска ќе иницира промена на Деловникот.

-Видовме дека целта не им беше да направиме надзорна посета, туку во прв план беше денешната седница и она што беше дискусија по информацијата. Можеби политички сега се среќни што успеаа да го поштедат директорот од прашањата кои имавме намера да ги поставиме, но Македонија денеска не е среќна бидејќи ова не враќа во едни времиња кога службите беа злоупотребувани и луѓе беа следени, додаде екс-министерката за одбрана.

Слични објави