Шефот на државата Стево Пендаровски на 19 декември ќе се обрати пред пратениците на собраниската седница закажана за 12 часот.
Обраќањето на Пендаровски годинава е во период на веќе договорен датум за одржување на претседателските и на парламентарните избори, односно првиот круг од изборите за шеф на државата треба да се одржи на 24 април, а на 8 мај ќе се одржи вториот круг од претседателските заедно со парламентарните избори.
Актуелниот шеф на државата се уште не официјализирал дали претендира за втор претседателски мандат. Во зависност од тоа дали Пендаровски повторно ќе атакува на претседателската функција и дали ќе биде резибран, годинешното обраќање може да е и негово последно на функцијата претседател на државата.
Премиерот Димитар Ковачевски по лидерската средба обелодени дека СДСМ ја почна процедурата за избор на кандидат за претседател на државата. Владејачката партија иницира формирање на европски фронт со партнерите од власта ДУИ и Алијанса за Албанците, со цел на претседателските избори да настапат со консензуален претседателски кандидат, а на парламентарните избори да одат со заеднички листи.