Пендаровски и министерката за култура во Париз ќе се обратат на меѓународен симпозиум во чест на Ацо Шопов

од Вести365.МК Ј.Р.

Во седиштето на УНЕСКО во Париз, претседателот Стево Пендаровски и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска ќе се обратат на отворањето на меѓународниот симпозиум во чест на Ацо Шопов по повод одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање – „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на македонскиот претседател.

Претседателот Стево Пендаровски е покровител на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на поетот Ацо Шопов, што се одбележува со низа настани во текот на 2023 година. Чествувањето на големиот јубилеј е во соработка со Организацијата за образование, наука и култура на ОН – УНЕСКО која, на иницијатива на Република Северна Македонија, го поддржа и се вклучи во одбележувањето на јубилејот, соопшти Кабинетот на Пендаровски.

На настанот ќе се одржи меѓународен симпозиум „Поезија, творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“. Во рамки на програмата ќе се одржи и проекција на анимираниот филм „Грозомор“ работен според истоимената песна на Ацо Шопов, инспирирана од скопскиот земјотрес во 1963 година, како и поетскиот перформанс „Долго доаѓање на огнот“, а ќе биде отворена и изложба посветена на творечкиот пат на Ацо Шопов „Патот по кој чекорам“.

Во рамки на програмата, со која се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март, ќе биде соопштен лауреатот на „Златниот венец“ на годинашното, 62. издание на „Струшките вечери на поезијата“, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО.

Слични објави