Палевски на распит во обвинителството

Љупчо Палевски-Палчо во моментов е на распит во обвинителството, по околу 20 дена од неговата екстрадиција во земјава. Првоосомничениот за убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски ќе се соочи со доказите на обвинителството за случајот.  Претходно се вештачеа предметите кои тој ги донесе со себе по спроведувањето од Турција, а меѓу кои имало и документи, објави Телма.

Палевски беше екстрадиран на 15 мај.

За прв пат со јавноста се соочи по неколку дена кога во Кривичниот суд се произнесе за околностите за неговиот притвор. Тој изјави дека е невин, дека не бил во бегство и дека нема да се брани со молчење.

Истрагата за Палевски може да трае максимум 6 месеци, по што би требало да се поднесе и обвинителен акт.

Се очекува оваа постапка потоа да се спои со судењето против другите обвинети, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Тие се обвинети дека биле соизвршители во грабнувањето и убиствата. Целта, според обвинението, им била да присилат член на потесното семејство на Вања да даде парични средства за откуп. Обвинет е и нејзиниот татко, Александар Ѓорчевски, кој се товари дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка. Тој тврди дека е невин, а неговата одбрана дека нема докази за делото за кое се товари.

Слични објави